Заветот на св. Јован Рилски

Св-Иван-600pxЈас, смирениот и грешен Јован, кој не сум направил никакво добро на земјата, кога дојдов во оваа Рилска пустина, не најдов човек во неа, туку само диви ѕверови и непроодни шуми. И се населив во неа сам со ѕверовите, без да имам ниту храна, ниту покрив, туку небото ми беше покрив, земјата – постела и тревите – храна. Но благиот Бог, кон Кого од љубов презрев се’ и претрпев глад и жед, мраз и сончева пекотина и телесна голотија, воопшто не ме изостави, туку како милосреден и чедољубив Татко, обилно ги задоволи сите мои нужди. И што да Му дадам на Господа, за се’ што Тој ми даде? Многу се Неговите добрини кон мене, затоа што од Својата света височина милосрдно погледна на моето смирение и ми укажа помош за да претрпам се’ – не јас, туку Христовата сила која е во мене – затоа што од Него е секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа од горе.

И кога денес ве гледам тука собрани во Господа, каде, како што реков, досега човек не обитавал, туку само диви ѕверови, а освен тоа, како што предвидувам, наскоро ќе настапи крајот на овдешниот мој живот, поради тоа намислив пред моето заминување од овдешниот живот да ви го оставам следниот мој татковски завет, како што и татковците по тело им оставаат на своите чеда земно наследство од сребро и злато и друг имот, та кога ќе го споменувате вашиот отец по Светиот Дух, да не го заборавите и неговиот завет.

Знам јас, возљубени во Господа чеда, знам добро дека вие, како новоначални, сеуште не сте утврдени во монашкиот живот. Но не бојте се, зашто Божјата сила во немоќта се покажува совршена. Токму затоа намислив да ви го напишам овој мој груб и неук завет, та имајќи го секогаш на ум, да се укрепувате телесно и душевно во Господа и да непредувате преку добродетелите во страв Божји, затоа што верувам во мојот Бог, Кому му служам од мојата младост и усрдно Му се покорив, дека после моето заминување од таа пустина, која до сега беше страшна и ненаселлива, ќе биде населена од многу пустини жители и за неа ќе се исполни пишаното: чедата на напуштената се многу повеќе, отколку на таа која има маж.

Поради тоа, ве молам, чеда мои, кои во Господа сум ве собрал, ве молам, моја утробо, не ги занемарувајте поуките на вашиот отец и заедно со апостолот ви велам: „Пак сум во маки, додека се изобрази Христос во вас.“ Ве молам и ве заколнувам со страшното Божјо име, да не нарушувате или изоставате ништо од него после мојата смрт, туку се’ што напишав потполно да го исполнувате, како што и сте ветиле пред Бога. И кој ќе престапи или наруши нешто од него (заветот – заб.на прев.), тој да биде проклет и да биде одлачен од Отецот и Синот и Светиот Дух и да нема дел со светиите, кои од вековите Му угодиле на Бога, туку неговиот дел да биде со оние кои го распнале Господа на славата и со Неговиот предавник Јуда, да биде избришан од книгата на живите и да не биде запишан со праведните.

И пред се’, ве заветувам да ја пазите светата вера непорочна и недопрена од никакво зломислие, како што ја примивми од светите отци, без да се оддавате на туѓи и различни учења. Стојте добро и држете ги преданијата, кои сте ги чуле и виделе од мене. Не се отклонувајте ниту на десно, ниту на лево, туку одете по царскиот пат. Грижливо пазете се од световни забави и секогаш помнете поради што сте излегле од светот и заради што го презирате светот и световните нешта.

А најмногу пазете се од среброљубивата змија, затоа што среброљубието е корен на сите зла, според апостолот, кој го нарекува второ идолопоклонство. Затоа што за монахот богатството не е сребро и злато, туку совршената беда, одрекувањето од сопствената волја и возвишеното смирение. Не ви го велам тоа како мои заповеди, туку ви напоменувам на Христовите заповеди. Затоа што Тој им вели на своите свети ученици, и преку нив на сите кои се одрекле од светот: „Да немате ниту злато, ниту сребро, ниту торба, ниту бакарни пари во појасот свој и слично.“ Затоа што златото и среброто се големи непријатели на монахот и подобно на змија го загризуваат оној кој ги има. Ако така имаме несомнена надеж во Бога, Тој нема да не’ остави лишени од ништо, затоа што Самиот Тој вели: „Ако жената ги заборави своите чеда, Јас нема да ве заборавам.“ И на друго место: „Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сето тоа ќе ви се придодаде.“ Затоа што на почеток, кога дојдов во оваа пустина, лукавиот се обиде да ме искуша и мене преку среброљубието, бидејќи благочестивиот цар ми испрати многу злато. Кога заради Господа се откажав да го видам, јас разбрав дека тоа било измама на ѓаволот. Не го примив, туку го вратив на оној кој го испрати, затоа што вака си помислив во себе: „Ако сакав да имам злато и сребро и слични работи, тогаш зошто дојдов во таа страшна и непреодна пустина, каде не најдов човек, туку диви ѕверови?“ – И така се избавив од сплетките на лукавиот искушувач, кој се труди да не’ сопнува во оние работи од кои самоволно се одрековме. Поради тоа и вие не барајте ништо од тие работи. Затоа што вашиот Небесен Отец, уште пред да се помолите, знае од што имате нужда.

IvR_5Не барајте да бидете познати и сакани од земните цареви и кнезови, ниту пак да се предавате на нив, оставајќи Го Небесниот Цар, Кому се запишавте да Му бидете воини и да војувате не по плот и крв, туку против владетелот на темнината на овој свет. И пророкот Еремија не’ заплашува, кога го вели следново: „Проклет да е човекот кој се надева на човек“ и останатото. Броејќи ги злата, тој додава дека благословен е човекот кој се надева на Господа. Не велите, што ќе јадеме или што ќе пиеме, или во што ќе се облечеме, затоа што незнабошците го бараат сето тоа. Погледајте ги птиците небески; тие не сеат, ниту пак жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте поскапи од птиците? Штом еднаш сте излегле од светот, не враќајте се назад ниту со телото ниту со умот, затоа што никој, според реченото, откако ја положи раката на ралото и погледнува назад, нема да биде насочен кон Небесното царство. Но и апостолот учи така, да го забораваме она што е назад и да се стремиме кон она што е напред. Што значи, чеда мои, тоа – да ги заборавиме нештата кои се зад нас? Ништо друго, освен се’ да предадеме на длабочините на заборавот, сето она што, излегувајќи од светот заради Бога, сме го оставиле и презреле, и да се стремиме кон подвигот кој ни претстои, кон кој бевме призвани од нашиот основоположник – преблагиот наш Бог Господ Исус Христос, Кој не’ удостои да го поднесеме Неговиот благ јарем, затоа што Неговиот јарем е благ и Неговото бреме е лесно.

И како што благодатта на Светиот Дух ве собра во едно, така и вие трудете се да живеете еднодушно и едномислено, дишејќи еднакво, насочувајќи го погледот кон вечната награда, која Бог ја приготвил за оние кои Го возљубија. Општожителното живеење е пополезно за монасите од осаменичкото. Затоа што осаменичкото не одговара на мнозина, туку на малкумина кои се совршени во сите монашки добродетели. Општожителноста, пак, воопшто, полезена е за сите, како што доволно ни кажуваат и не’ учат светоотечките книги. Боговдахновениот пророк Давид го фали (општожителниот живот – заб.на прев.), велејќи: „Ете, колку е добро или колку е убаво браќата да живеат заедно.“ Кон тоа, еден духоносен црковен песнописец додава: „Затоа што во тоа Господ вети живот вечен.“ Но и Самиот благ наш Владика Господ Исус Христос не вели ли со своите пречисти усни: „Каде што се двајца или тројца собрани во мое име, таму сум и Јас посреди нив“? А нашите богоносни отци, за самопребивателниот живот велат: „Тешко на самиот, затоа што ако падне, нема кој да го подигне.“ Поради тоа, чеда мои, штом Светиот Дух преку устата на пророкот го пофалува заедничниот живот, не го занемарувајте и вие, туку напротив, утврдете го и бидете како едно единствено тело во Господа, кое има различни членови; едните образувајќи ја, да речеме, главата, која го има заповедништвото, а други нозете, кои се јавуваат како оние кои работаат и носат, други пак – други делови на телото, та од сите да се состави едно духовно, во Господа, тело, водено и управувано од една разумна и словесна душа – преку духовно расудување, и да нема ништо разделено. И кога се востанови такво пребивање и живеење според Господа, тогаш и Тој Сам ќе биде посреди вас, невидливо управувајќи ве.

Не барајте први места и началствување, туку помнете Го Оној, Кој рекол: „Оној кој сака да биде поголем посреди вас, нека биде слуга на сите.“ Бирајте си наставници и поставувајте си началници кои Бог ќе ви ги покаже, такви мажи, кои од сите се посведочени во духовните дела и кои останатите ги надминуваат по разум и духовно расудување и по годините, за добро и богоугодно да го пасат повереното им стадо, по ливадите на благочестието и на животворните Христови заповеди. За тие бива да се бара потврда повеќе од Бога, отколку од своето мнение. Ако пак, како што вели нашиот велик отец и монашки учител, преподобниот Ефрем Сирин, сите започнете да сакате началства и претстојателства и сите да бидете игумени, и сите наставници, и толкувачи, и учители, и да никнат соперништва, кавги, расправии, клевети, возгордевања, завист и други несоодветни страсти за монасите, тогаш знајте дека навистина Христос не е меѓу вас, затоа што Христос не е учител на раздор и несогласие, туку на мир и единство. Затоа што Тој се моли на Бога и Отецот и Своите ученици да бидат едно, едномислени, имено тие и сите кои преку нив веруваат во Него, вака велејќи: „Оче свети, запази ги во Твоето име, да бидат едно, како што сме и Ние.“ И на друго место: „Се молам не само за нив, туку и за оние, кои веруваат во Мене заради нивните зборови, за да бидат сите едно.“ Така и вие бидете едно, имајте мир помеѓу себе, затоа што Тој им вели на Своите ученици: „Мир ви оставам, мојот мир ви го давам.“ А каков е тој Христов мир, чеда? – Тој Самиот пак вели, говорејќи: „Не како што го дава светот, ви го давам Јас.“ Но тој Христов мир го надминува секој ум. Тоа е мирот за кој говорел проркот: „И неговиот мир нема граници.“ Но и апостолот не’ учи, велејќи: „Имајте мир и светост со сите, затоа што без тие нешта никој нема Го види Бога.“ Таков мир, значи, имајте и вие меѓу себе и со големо едномислие и расудување устројувајте се’ според Бога, за да не Го разгневите благиот ваш Владика Бог.

Ако пак, се најде некој меѓу вас кој сее какол, раздор и други соблазни, таков веднаш отстранете го од вашето собрание, за да не се обрне тоа во разјадувачка жива рана, според Апостолот, и да не се распространи злото меѓу добрите, и да не би некој горчлив корен да никне нагоре, да направи пакост и преку тоа да се осквернат мнозина. И злиот волк да не го смути мирното Христово стадо, затоа што и такви ќе се појават. За нив претскажува Христос, велејќи: „Затоа што треба да се јави соблазна, и тешко на светот од соблазната.“ Поради тоа, и вие, чеда, пазете се од тие работи и не допуштајте да живеат меѓу вас, туку отклонувајте ги далеку од себе, како што пастирот ги прогонува болните овци од чистото стадо.

Заедно живеејќи заради Господа и понесувајќи си ги тежините еден на друг, не занемарувајте ги и оние кои живеат осаменички и скитаат по пустините, и во пештерите, и во земните провалии – за кои целиот свет не беше достоен – туку снабдувајте ги (со потребните работи – заб.на прев.), кога можете, за да ги имате за молитвеници пред Бога, затоа што молитвата на праведникот може многу да постигне.

Поучувајте се во Господовиот закон дење и ноќе, често читајте ги светоотечките книги и трудете се да бидете подражатели на светите наши отци Антониј, Теодосиј и останатите, кои заблескаа како светила во светот со своите добри дела. Цврсто држете се до црковното правило, не изоставувајќи и не презирајќи ништо од тоа што е востановено од светите отци.

Ракоделието да не го занемарувате, туку вашите раце да се занимаваат со работа, а молитвата:”Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешниот” постојано да биде на вашите усни, како и во вашиот ум – споменот за смртта. Такво беше делувањето на древните пустиножителни отци, и тие не го јадеа напразно својот леб, и не само што самите тие живееја од трудот на своите раце, туку им даваа и на оние кои имаа потреба, и така не се излажаа во својата надеж. Затоа што, како што вели апостолот, добро е срцето да се утврдува со благодат, а не преку храна од која не добија полза оние кои живееле среде нив. А тој вели: „Да пребива братољубие, не заборавајте го гостопримството, бидејќи преку него некои, без да знаат, угостија ангели.“

Новопросветените луѓе, од својот еднокрвен народ, утврдувајте ги во верата и поучувајте ги да ги напуштат непристојните незнабожечки обичаи и злите нарави, кои и после примањето на светата вера ги поддржуваат. Но тие тоа го прават од простота и заради тоа имаат потреба од вразумување.

OLYMPUS DIGITAL CAMERAУште многу имав да ви говорам, возљубени мои во Господа, мои чеда, но не е возможно се’ да се напише. Ве предавам на Оној Кој е Извор на секоја премудрост и разум и вистински Утешител – на Светиот и животворен Дух, та Самиот Тој да ви даде мудрост, да ве вразуми, да ве просветли, да ве научи и поучи на секое добро дело.

А сега ви го оставам возљубениот наш брат Грогориј за наставник и началник наместо мене, за кој сите вие сведочите дека може добро и според Бога да ве управува, и едномислено го избирате за началник, дури и да не сака, но поради послушание и смирение, се потчинува на вашето барање. А после тоа – како Бог ви покаже.

Јас, пак, од сега сакам да пребивам во тишина и безмолвие, за да се покаам за своите прегрешенија и да испросам милост од Бога. А вие секогаш спомнувајте ме во вашите молитви мене, грешниот ваш отец, за да добијам милост во судниот ден, бидејќи ништо добро не сторив на земјата и се плашам од (Страшниот) суд и маките, кои се приготвени за грешници како мене. И Божјата благодат да биде со сите вас, осенувајќи ве и заштитувајќи ве од сите зла. Амин.

Напишано е во 6440 год. од создавањето на светот (941 год. после Христа), во 25-тиот ден од месец март.

Јас, смирениот и многугрешниот Јован, прв жител на Рилската пустина, со своја рака го потпишувам и потврдувам погоре кажаното.

Извор: Завет на Свети Иван Рилски Чудотворец

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s