ПОКАЈАНИЕ – Ден 6

Ангелот на покајанието

Слово од Свети Теофан Затворник
Од „Четири беседи за појаснување на книгата ‘Пастир’
од Свети Апостол Ерма”

Со што можеш да ја спасиш својата душа

sv-ermasДосега чуеното од писанијата на свети Ерма сеуште не е сè што имав намера да ви пренесам и што може да ви послужи во вашиот труд во благоустројувањето на вашите срца. Чујте уште. Мислам дека словото на апостолскиот маж ќе биде поубедливо за вас од нашето немоќно многусловие. Затоа, не сакам до го оставам, сè додека не стигнам до крајот. По виденијата, за кои веќе ви зборував, кај свети Ерма следат заповедите, кои се тема на втората книга на неговиот “Пастир”. Кон нивното изложување, тој пристапува вака: “Се молев – вели тој, – дома и потоа седнав на креветот. И ете, видов дека влезе еден маж, кој влева почит со својот вид, во облека на пастир. На него беше наметната бела наметка, на грбот му висеше торба и во рацете држеше стап. Тој ме поздрави, го поздравив и јас. Потоа тој седна до мене и рече:

„Испратен сум кај тебе за да бидам со тебе преку сето останато време од твојот живот“. Кога го рече тоа, јас си помилив дека ме искушува и го запрашав: „А ти кој си, затоа што оној на којшто сум доверен, јас добро го познавам“. „Значи, не ме позна?“ – праша тој. „Не“ – одговорив јас. „Јас сум оној Пастир, на којшто ти си доверен“, – рече тој. За време на тие зборови, лицето му се измени и во него го познав мојот Пазител. Се засрамив, страв и скрб почнаа да ме измачуваат, но тој ме успокои, кога рече: „Не плаши се. Испратен сум и да ти покажам сè со што можеш да си ја спасиш својата душа. Ислушај ме внимателно и запиши сè, за да го помниш и, кога ќе го читаш од време на време, да си ги освежуваш мислите и да си ја укрепиш својата колеблива волја. Ако со чисто срце пазиш сè што ќе ти биде откриено, од Господа ќе ги добиеш сите блага што Тој ги ветил на Своите верни. А ако, откако ги чуеш моите упатства, ти не само не се исправиш, туку напротив, почнеш да додаваш гревови кон гревовите, тогаш Господ ќе ти испраќа беда по беда, додека не ги скруши или срцето или коските твои“.

Откако го рече тоа мојот Пастир, Ангелот на покајанието, ми приложи дванаесет заповеди според следниов редослед:

“1. Верувај во Единиот Бог, на Кого се поклонуваме во Троица, Творецот на небото и земјата, на сè видливо и невидливо, Кој ни од што ги повикал во битие сите твари и им дарувал толку совршенства, колку што секое од нив може да прими.

2. Живеј во простота и непорочност, не му наштетувај на ближниот ниту со збор, туку напротив, помагај на сите во нивните потреби без да испитуваш кој сака и на кого даваш.

3. Гнил збор да не излегува од твојата уста: сакај ја вистината и избегнувај ја лагата.

4. Како зеница во своето око пази ја сопружничката верност, затоа што тоа е неизменлив закон на Творецот – да бидеш чист и непорочен пред Неговото лице или во девственост или чесно запазено сопружништво. Женет ли си – не барај развод или друга жена; си решил ли да живееш во девственост – не барај жена. Исто така, кога ќе умре мажот или жената, половината што надживеала не греши кога стапува во втор брак; но, со поголема чест од Бога се удостојува ако реши да го пази вдовството свое во чистота и непорочност“.

При тие зборови – вели Ерма, – јас го прашав: „А што да прави оној којшто згрешил?“ – „Да се кае“, – ми одговори Ангелот – Пастир. Му велам: „Сум слушнал дека освен крштението, нема друго покајание, дека кога се потопуваме во водите на крштението, ние добиваме опростување на сите гревови и после тоа веќе никако не треба да грешиме“. Ангелот ми одговори: „Крштението не се нарекува покајание. Покајанието Бог го востановил за оние кои, откако се призвани преку крштението во бројот на верните, повторно паднат во гревови поради злата умисла на ѓаволот. Милостивиот Бог го прима покајанието на таквите; но, треба да се знае дека честото паѓање во грев, дури и кога е исправено со често покајание, го прави сомнително самото покајание; и може на крајот човек така да падне, што после тоа паѓање да нема можност одново да се исправи и да започне да живее за Бога. Од тоа секој, кој лекомислено гледа на гревовите, нека се плаши“. Кога го рече тоа, Пастирот продолжи да ги посочува спасителните за нас Божји заповеди.

“5. Кога одиш по патот на заповедите, не можеш да избегнеш пречки и трудови. Биди мажествен и да се поткрепува срцето твое; трпи во извршувањето на добри дела и во носењето на сите непријатности, кои ќе ги сретнеш на овој пат.

6. Помни дека кај секој човек има два ангела – добар и лош. Едниот го влече кон добри дела, а другиот – во гревови и пороци. Внимавај над себе и кон првиот се приклонувај, а вториот отфрлај го, кога ќе се досетиш според внатрешните помисли на срцето, кој од нив ти дава во тој момент лекција, а кој сака да владее над тебе.

7. Плаши се од Единиот Бог, твојот Творец и Промислител и Спасител, и не унижувај ја својата детска праведност кон Него и својата крепка надеж на Него со напразната плашливост пред темните сили.

8. Потруди се да бидеш ревносен исполнител на сите, без исклучок, Божји заповеди и точен извршител на сите дела што Ангелот ги внуши на твоето срце или кои ќе ти ги посочи збирот на околности во твојот живот – и ќе бидеш син во Божјиот дом, а не роб.

9. Моли се, труди се усрдно во молитвата, непрестајно моли се за да слегува одозгора сила врз тебе за да правиш добро, и помош – да го избегнуваш злото – секој пат кога ти е потребна. Молитвата го прави земнородниот – жител на небесата, и го облекува во небесна чисота и светост.

10. Избегавај ги лажливите пророци – гатачи и жреци, преку кои врагот ги погубува Божјите раби. Слабите во верата се обраќаат кон тие измамници, а тие, кога ќе им одговорат според желбите на нивното срце, им ги полнат главите со мечтатечки надежи. Кога ќе измешаат со капката вистина море од лаги, тие ги соблазнуваат и повторно ги вовлекуваат кон незнабоштво. Оној што искрено верува и се предал себеси на Бога, тој нема да оди кај нив – таквиот ја бара небесата, а тие гатаат обично само за земното.

11. Учителка, единствена учителка, да ти биде Црквата на живиот Бог, столб и поткрепа на вистината* (1 Тим. 3:15). Во неа е светлината на неизменливото знаење. Надвор од неа е мрак и темнина, кадешто кнезот на светот ја поставил својата учителска катедра и го заслепува разумот на оние коишто го слушаат, а не сакаат да го слушнат гласот на Црквата, затоа што самите тие се световни. Ова може да ти служи за проверка: она што е во разидување со учењето на Црквата – тоа е гласот на таткото на лагата. Внимавај и пази се чист од тоа паѓање. Еве и уште еден знак: словото на вистината вгнездува длабок мир, спокој и сладост во срцето што верува; а словото на лажливите раѓа мечти и сомневања и, како солената вода, ја распалува жедта за знаење, кога го затвора умот, слично на заробеник, во нејасна мрачна пустина.

12. Без најблиски раководители, не можеш да живееш свето на земјата. Ќе ги најдеш во Црквата, кадешто Светиот Дух ги поставил да го пасат Христовото стадо. Измоли од Господа да ти дарува таков, којшто е полезен за твојата душа. Во нужниот час, и без да го прашаш, тој ќе ти каже утешителни зборови. Божјиот Дух ќе го научи што да ти каже и ти ќе чуеш од него што сака Бог од тебе. Но, и тука пази се од измамувачките духови* (т.е. од бесовите). Смиреноста и тивкоста го украсуваат вистинскиот раководител. Каде што има раскош во зборовите и животот – таму е лагата. Внимавај на тоа и ќе се спасиш“.

Тоа се сите дванаесет заповеди што ми ги даде Ангелот-Пастир – завршува Ерма. – Кога ги чув, јас му реков: „Прекрасни правила, но има ли човек којшто би можел да ги исполни како што треба?“ На тоа Ангелот ми одговори: „Прими ги во своето срце со простота, без да размислуваш, и нема да сретнеш никаква потешкотија при нивното исполнување. Но, штом почнеш со својот ум да испитуваш може ли и како може да се исполни едно или друго и дали може некако да се ослободиш од тоа бреме, ќе се протне непријателот, ќе внесе раслабеност во твоето срце и ќе те направи неспособен за никакво добро. Но, зошто многу да зборуваме! Знај дека ако нешто не исполниш, нема спасение за тебе, нема да има спасение ниту за тебе ниту за твоите деца ниту за твоето семејство“. И, откако го рече тоа Ангелот, лицето му се измени и тој стана толку страшен, што не знам дали постои некој што е во состојба да го поднесе неговиот поглед во тој момент. Јас се исплашив. Ангелот, кога го виде мојот смут, започна кротко да ми зборува, со лице способно да исполни со утеха и радост: „Како само мислиш и зборуваш? Зарем си ја заборавил Божјата семоќност? Возможно ли е Оној, Којшто ти покорил сè под твоите нозе, да не ти даде сили да ги исполнуваш Неговите заповеди? Знај дека оној, којшто Го има Бога секогаш во своето срце, тој лесно ќе ги исполни овие заповеди. А оној, којшто Го има Бога само на врвот на својот јазик, ќе падне под нивната тежина, бидејќи ги смета за неисполниви“. Тогаш јас забележав: „Кој не проси од Бога сили за да ги исполнува Неговите свети заповеди? Но, непријателот е силен – тој ги искушува Божјите раби и ги држи во своја власт“. „Не – на тоа ми одговори Ангелот, – непријателот нема никаква власт над Божјите раби. Оние, коишто веруваат во Бога со целото свое срце, тој може да ги искушува, но не и да владее над нив. Спротивстави му се мажествено и тој ќе избега од тебе“. Со тоа завршија ангелските поуки.

Од своја страна, ние ќе се осмелиме да додадеме нешто кон сето тоа, коешто го кажа ученикот на апостолите и самиот тој – апостол: Какво место имаат тука умртвените наши зборови? Само едно ќе кажам: колку е утешително да знаеме дека и во наше време го говорат истото она што се говорело и за време на апостолите, непосредно после апостолите, и дека, следователно, во продолжение на осумнаесет и половина века во Божјата Црква се пазело неизменето едно исто – словото на вистината.

Ако сега, пред двајца и тројца сведоци се потврди секој збор (2 Кор. 13:1), тогаш колку цврсто треба да стои секое слово на вистината, проповедана во Божјата Црква, кога зад неа стои такво небројно мноштво на сведоци? И што треба да значат пред здравомислието тие возгласи на празнословието, кои неразумните се дрзнуваат да ги фрлаат во лицето на вистината? Не го чувствувате ли тука Божјото определение: небото и земјата ќе преминат, но Моите зборови нема да преминат (Мат. 24:35).

 

Извор: Света Гора – Зограф

Поврзано:

Покајание – Ден 1

Покајание – Ден 2

Покајание – Ден 3

Покајание – Ден 4

Покајание – Ден 5 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s